ФУДБАЛ

УЕФА со четири сценарија, во март ќе дознаеме дали ќе можеме да патуваме и да ја бодриме Македонија на ЕП

Пандемијата со коронавирусот прави проблеми во сите сектори и сфери, па така и во фудбалот. Иако требаше да се одржи оваа година, сепак поради коронавирусот Европското првенство ќе се одрига следната година во 12 европски градови.

Она што е важно за нас е тоа дека за прв пат во историјата Македонија ќе биде дел од континентално натпреварување. Секако, поради тоа многумина ќе сакаат во живо, на стадион, да бидат присутни на историскиот настап на нашата репрезентација.

УЕФА соопшти дека се подготвуваат четири сценарија.

Првото сценарио е, секако во зависност од ситуацијата со коронавирусот, целосно да се отворат стадионите, со полн капацитет на присуство на публика.

Второто сценарио е натпреварите да се одиграат со 50 отсто исполнет капацитет на стадионите.

Трето сценарио е капацитетот да биде исполнет само 30 отсто, и четврото сценарио, најлошо за нас, секако и за многу навивачи во светот е ЕП да се одржи без присуство на публика односно пред празни стадиони.

Конечната одлука ќе се донесе на 5-ти март. Македонија е во група со Холандија, Украина и Австрија. Првиот меч ќе го одигра против Австрија на 13-ти јуни 2021 година во Букурешт, потоа во истиот град следува пресметката со Украина, а во Амстердам против Холандија ќе се одигра последниот меч од групната фаза.