Европската фудбалска федерација (УЕФА) во вторник ќе донесе одлука за одложување на Европското првенство, кое треба да се игра летово.
За вторник е закажана видео конференција, каде членовите на Извршниот одбор и претставниците на членовите ќе донесат конечна одлука по прашањето за одложување на Европското првенство.
Претходно, европските медиуми објавија дека УЕФА планира да го промени терминот на Европското и многумина се согласуваат дека треба да се игра во летото 2021 година.
Сепак, како што тврди британскиот „Телеграф“, УЕФА разгледува друга опција. Тие се подготвени да го организираат еврото во декември годинава, за клубовите да можат да ги завршат прекинатите сезони во текот на летото.
Сепак, конечна одлука најверојатно ќе биде донесена во вторник. Сигурно е дека Европското нема да се игра ова лето и останува прашањето дали ќе се игра во декември оваа година или во летото следната година.
Фудбалските првенства низ цела Европа моментално се во прекин поради коронавирус и неизвесно е кога и дали ќе продолжи.