Украинската фудбалска централа соопшти дека ќе го отстрани името на Анатолиј Тимошчук од историјата на овој спорт во земјата. Поранешниот фудбалер ќе мора да се збогува и со тренерската лиценца.
Причината е што Тимошчук не се изјаснил против воените напади на Русија врз неговата земја. Тој продолжува да биде дел од централата на „Зенит“ Санкт Петербург.
Играчот од средниот ред е играчот со најмногу натпревари за репрезентацијата на Украина – 144 во периодот 2000 – 2016. По него е легендарниот Андриј Шевченко со 111.
„Федерацијата ќе му ја одземе на Тимошчук професионалната тренерска лиценца, сите државни и почесни награди, како и сите титули освоени на турнирите од украинското првенство, Купот на Украина и Суперкупот на Украина“, се вели во соопштението на федерацијата.
Кариерата на фудбалерот започна во „Волин“ Луцк, но со „Шахтјор“ Доњецк освои важни титули. Тимошчук е трикратен шампион на земјата, трикратен освојувач на купот, а во 2005 година го освои и Суперкупот. Тој трипати е избран за фудбалер на годината на својата земја и има Орден за храброст од трет степен.
Потоа кариерата ја мина во Зенит Санкт Петербург, Баерн Минхен и Каират.