Мауро Икарди беше јунакот на 222. „Derby della Madonnina“ во кое со гол во третата минута од судиското надополнување му донесе на својот тим победа против Милан (1:0).
Аргентинецот после натпреварот порача дека Интер можеше и претходно да дојде во водство и да го обезбеди трофејот, но вака е – послатко.
„Минатата седмица размислувавме само за дербито и рековме дека мора да победиме. Едноставно, таа цел ја зацртавме и така мораше да биде. Можевме и претходно да дојдеме до водство и да решиме натпреварот, но баш ми е мило што победивме на овој начин, со гол во 93. минута“, рече Икарди, кој потоа додаде:
„Мораме вака да продолжиме. Пред заминување на репрезентативната пауза кажав дека Интер мора да победува, тоа е наша должност поради овие прекрасни навивачи. Треба да се навикнуваме на победи затоа што навистина е важно да стекнеме континуитет“.
На прашањето за натпреварот со Барселона во среда, Икарди даде оптимистичен одговор.
„Знам добро колкав потенцијал има нашата екипа. Можеме да се бориме со сите, па и со Барселона“.