ФУДБАЛ

Услови на Мбапе: Продадете го Нејмар, доведете ги Зидан и Кејн!

Напаѓачот на Пари Сен Жермен, Килијан Мбапе им порачал на челниците на францускиот шампион дека следната сезона ќе игра за клубот од Париз доколку го продадат Нејмар, го сменат тренерот Кристоф Галтие и ангажираат засилувања во нападот, пренесува шпански „Окдијарио“.

Во мај оваа година Мбапе го продолжи договорот со францускиот шампион до јуни 2025 година, иако имаше понуда кариерата да ја продолжи во Реал. Во меѓувреме се појавија информации дека францускиот репрезентативец е незадоволен од ситуацијата во ПСЖ и дека повторно размислува за промена на средината, иако раководството на клубот од Париз му ги исполни сите барања.

„Мбапе постави три нови услови за челниците на ПСЖ доколку сакаат тој да игра за овој клуб и следната сезона. Првиот услов е ПСЖ да го продаде Нејмар на крајот на сезоната, бидејќи Мбапе е во лоши односи со бразилскиот фудбалер. Друг услов е заминувањето на тренерот Кристоф Галтие, бидејќи Мбапе го сака Зинедин Зидан на клупата на „светците“. Францускиот фудбалер на крајот побара од челниците на клубот звучни засилувања во нападот, кои би можеле да се вклопат во него и Меси. „Мбапе сака капитенот на Тотенхем, Хари Кејн да биде едно од засилувањата“, наведува „Окдијарио“.

Мбапе (24) го освои второто место со француската репрезентација на Мундијалот во Катар, а беше најдобар стрелец на Мундијалот со осум гола. Досега за ПСЖ одигра 20 натпревари и постигна 19 голови.