ФУДБАЛ

Ван Дајк: Ја разбирам загриженоста на навивачите

Фудбалскиот капитен на Ливерпул, Вирџил ван Дајк денеска изјави дека ја разбира загриженоста на навивачите пред почетокот на новата сезона во Премиер лигата и додаде дека ќе биде тешко, но дека е возбуден поради предизвикот.

„Дефинитивно можам да ја разберам загриженоста на навивачите, но никогаш не сум бил човек кој размислува негативно. Логично е дека луѓето се негативни кога си заминуваат многу играчи, кога си заминува капитен, кога заминува заменик капитен и влегоа само две засилувања“, изјави Ван Дајк, објавија британските медиуми.

Шест играчи го напуштија Енфилд ова лето, вклучувајќи го и Џордан Хендерсон, претходникот на Ван Дајк како капитен. Од друга страна, во Ливерпул пристигнаа само Алексис Мекалистер и Доминик Собослај.

„Постои и начинот на кој игравме во претходниот период, добар во однос на посед на топката, но во дефанзива никогаш не е добро кога ќе примиш гол. Навистина разбирам зошто некои луѓе се сомневаат“, рече Ван Дајк .

Тој истакна дека неговиот тим е пред голем предизвик во новата сезона.

„Ќе биде многу тешко ако ги погледнеме тимовите околу нас, но сакаме повторно да се запрашаме. Според мене, тоа е убав предизвик. Треба да бидеме возбудени“, изјави Ван Дајк.

Фудбалерите на Ливерпул новата сезона во Премиер лигата ќе ја започнат со гостување во Челзи во недела.

ПОВРЗАНО

Премиер Лига