Холандскиот репрезентативец Дони ван де Бек е на мета на Реал Мадрид, а неговото доаѓање би можело да значи дека Лука Модриќ ќе го напушти кралскиот клуб.
Шпанските медиуми вчера објавија дека Ван де Бик договорил сè со Реал и дека сега тој само чекал клубовите да се договорат за висината на обештетувањето. „Марка“ известува дека доаѓањето на овој Холанѓанец би можело да значи и заминување на Модриќ.
Минатото лето, хрватскиот репрезентативец се поврзуваше со преселба во Интер, но потоа одлучи да остане во Реал Мадрид. Но, како што пренесува „Марка“, Модриќ ќе има слобода да преговара со другите клубови доколку дојде Ван де Бик.
Модриќ, наводно, веќе е во контакт со спортскиот директор на Милан, Звонимир Бобан, бидејќи е заинтересиран за кариерата да продолжи во дресот на клубот од „Сан Сиро“.
Бобан, наводно, се согласил со Модриќ и сега се свртува кон преговори со Реал Мадрид. Но, Бобан чекаше на „кралевите“ официјално да го соопшти пристигнувањето на Ван де Бик бидејќи е свесен дека тогаш ќе има значително подобра шанса да го донесе Модриќ во Милано.
Модриќ, наводно, договорил тригодишен договор со Милан според кој ќе заработува 7,5 милиони евра на годишно ниво.