Актуелниот европски првак Вардар соопшти дека, поради одлуката на Владата, нивните мечеви во наредните 30 дена ќе ги играат без публика. Тоа значи дека против Нексе во СЕХА лигата и против ПИК Сегед во Лигата на шампионите, салата „Јане Сандански“ ќе биде празна.
Одлуката ја донесе вчера Владата со цел превенција на ширењето на коронавирусот.
Целосно соопштение на РК Вардар:
„Ги известуваме сите навивачи и симпатизери на РК Вардар дека во следните 30 денови сите натпревари на кои нашиот клуб е домаќин ќе се играат без присуство на публика.
Одлуката е донесена од Владата која забрани присуство на гледачи (публика) на сите спортски настани на територијата на Македонија, во наредните 30 дена како дел од дополнителни мерки и активности за превенција од ширење на корона вирусот по сугестија на Комисијата за заразни болести на Министерството за здравство
Истото се однесува за сениорските екипи и сите екипи во младински категории.
Поради истата мерка нема да имаат тренинзи и натпревари ниту членовите на Ракометната Академија на Вардар.“