Словачкиот ракометен првак Татран утре (вторник 20,45 часот, СЦ „Јане Сандански”) ќе гостува во рамките од четвртото коло на СЕХА Газпром лигата. Екипата од Прешов е една од основачите на лигата, и настапува од самиот почеток, исто како и Вардар.
Ова ќе биде четври натпревар во СЕХА лигата сезонава, и досега имаме три победи по ред. На последните 23 официјални средби, Вардар има 21 победа, и ова е можност за продолжување на победничката низа.
Вардар денеска се врати од Полска каде во неделата го играше првиот натпревар од групната фаза на лигата на шампионите и го победивме тимот на Висла Плоцк со 26-22. Тоа беше наш прв триумф во Полска од сите досегашни гостувања.
Денеска екипата ќе има одмор, а на утрешниот тренинг ќе се знае со кој состав ќе настапиме.