Бразилскиот фудбалер Касемиро денеска и официјално ќе потпише за Манчестер Јунајтед.
Касемиро ги изненади сите со тоа што ова лето реши да го напушти Реал Мадрид и кариерата да ја продолжи во Манчестер Јунајтед со кој денеска ќе потпише повеќегодишен договор.
30-годишниот фудбалер неколку сезони беше еден од најважните играчи во тимот на Реал Мадрид, а малкумина очекуваа дека Касемиро летово ќе го напушти „Сантијаго Бернабеу“.
Посебно го изненади одлуката да ја прифати понудата на Манчестер Јунајтед на кој не му оди баш најдобро на отворањето на сезоната.
Сепак, сигурно е дека Касемиро ќе биде огромно засилување за „црвените ѓаволи“, кои потрошија дури 80 милиони евра за доаѓањето на искусниот играч за врска.
Англиските медиуми пренесуваат дека Касемиро денеска ќе ги мине лекарските прегледи и ќе потпише договор, а вечерва и официјално ќе биде претставен на Олд Трафорд пред големото дерби против Ливерпул.
Касемиро мечот меѓу лутите англиски ривали ќе го следи од трибините, а веќе е познато кој број ќе го носи овој Бразилец во својот нов клуб.
Имено, Касемиро реши да го позајми дресот со број 18 кој своевремено го носеше легендарниот Пол Сколс, а навивачите на Јунајтед се надеваат дека доаѓањето на Касемиро ќе означи почеток на подобри денови во Театарот на соништата.
Пред заминувањето за Манчестер утрово, Касемиро ќе одржи и проштална прес-конференција на Сантијаго Бернабеу каде ќе се прости од Реал Мадрид со кој освои 18 трофеи во кариерата.
Се очекува дека Касемиро би можел да дебитира уште овој викенд кога Манчестер Јунајтед ќе му гостува на Саутемптон во четвртото коло од Премиер лигата.