Претседателите на Јувентус и Лацио, Андреа Ањели и Клаудио Лотито, имаа жестоки вербални пресметки во претходните денови.
Пандемијата на коронавирус ја прекина сезоната во Серија А, а додека многумина велат дека ќе биде навистина тешко да се продолжи сезоната, водачот на римскиот тим Клаудио Лотито верува дека сепак ќе се игра.
„Дали ги видовте податоците? Вирусот заминува. Разговарам со вистински експерти, луѓе кои се во првите линии, а не клупски доктори“, рече Лотито.
Потоа се огласи првиот човек на Јувентус, Андреа Ањели.
„Секако, секако. Сега стана и експерт и виролог“, му одговори Ањели.
Лацио се најде на второто место по 26 одиграни натпревари во Серија А и е само еден зад Јувентус, па не е ни чудо што Лотито сака сезоната да продолжи.
Јувентус, од друга страна, нема ништо против сезоната да заврши според моменталниот статус на пласман, бидејќи ваквото рангирање ќе им даде уште една титула.