ФУДБАЛ

ВИДЕО: Потресен момент за Ван де Бик кога сфати дека нема да влезе во играта

Манчестер Јунајтед во средата на домашен терен го победи Виљареал со 2-1 во натпревар од Лигата на шампионите.

„Црвените ѓаволи“ по пресвртот успеаја да добијат три бода против жолтата подморница, а херој беше Кристијано Роналдо кој го постигна победничкиот гол во 95. минута од натпреварот.

Манчестер Јунајтед така дојде до првите бодови во Лигата на шампионите оваа сезона по неочекуваниот пораз во првото коло на гостувањето кај Јанг Бојс.

По овој натпревар во центарот на вниманието беше холандскиот играч за врска Дони ван де Бик, кој ниту овојпат не доби шанса за игра, иако се загреваше во поголемиот дел од второто полувреме.

На самиот крај на натпреварот, Ван де Бик очекуваше да игра кога некој ќе го повика од клупата, но тој беше шокиран кога виде дека Солскјаер веќе ја подготви петтата замена.

Холанѓанецот веруваше дека ќе влезе во игра, но кога се приближи до клупата виде дека Фред е веќе подготвен и не можеше да скрие колку е разочаран од тоа.

Ван де Бик помина покрај Фред и седна на клупата, а некои соиграчи го утешија бидејќи видоа колку му е тешко да не игра ниту овојпат иако беше сигурен дека го викаат за да се подготви да влезе во игра.

Холанѓанецот пристигна во Манчестер Јунајтед летото минатата година од Ајакс како големо засилување за 40 милиони евра, но оттогаш главно ја „загрева клупата“ во Театарот за соништа.

За една година, тој одигра само 39 натпревари, и успеа да постигне еден гол и да додаде две асистенции.