Испаѓањето на Баерн Минхен од Лигата на шампионите против Виљареал е вест во германските медиуми и никој не може да поверува дека најголемиот германски тим остана без пласман во полуфиналето.
Баварскиот великан одигра уште еден многу слаб натпревар. Виљареал трпеливо ја чекаше шансата на Алијанц Арена, постигна гол за 1:1 и благодарение на победата од 1:0 од првиот меч, Жолтата подморница отиде понатаму.
Легендарниот баварски фудбалер Лотар Матеус даде свое видување за играта на Баерн. Тој смета дека ова е болен пораз за германскиот фудбал.
„Виљареал не е тим од кој можеш да отпаднеш“, ја започна приказната Матаус и потоа продолжи:
„Елиминацијата на Баерн е болна за германскиот фудбал, но тимот не покажува ништо во последно време и ова можеби не е толку големо изненадување. Нивната игра е безидејна и нема решенија во неа“.
Легендарниот фудбалер тврди дека атмосферата во клубот не е баш најдобра.
“Атмосферата внатре во тимот не е добра. Не зборувам само за фудбалот, многу работи се случуваат. Проблемите со заминувањето на Левандовски се уште еден проблем. Не сум го видел Баерн толку уморен одамна”, изјави Матеус.
Виљареал во полуфиналето ќе игра со подобриот од натпреварот помеѓу Ливерпул и Бенфика, во кој англискиот тим има предност од 3:1 од првиот натпревар.