Најдобриот фудбалер на Интер Лаутаро Мартинез останува во тој клуб! Аргентинскиот напаѓач ја прифати понудата за продолжување на договорот до 2029 година.
Актуелниот договор помеѓу Лаутаро и Интер трае до 2026. Нероаѕурите не сакаат ништо да препуштат на случајноста и да ја загубат првата ѕвезда, па му упатиле задоволителна понуда за нов договор. Според пишувањата на медиумите, Мартинез добива и значително поголема плата. Наместо досегашните 6.000.000 евра, тој ќе има 9.000.000 евра по сезона, не сметајќи ги бонусите.

Ова го прави најплатен фудбалер во Серија А, што е логичен редослед на настани, откако оваа сезона беше прогласен и за најдобар во италијанската елита. Исто така, како најдобар стрелец со 24 гола, заедно со шест асистенции, го предводеше Интер до Скудетото. Мартинез (26) е член на миланскиот гигант од 2018 година, кога пристигна од Расинг за 25.000.000 евра. На 282 натпревари досега постигна 129 гола и 43 асистенции.
