На почетокот на овој месец, Килијан Мбапе најави дека ќе остане во ПСЖ, што разочара многумина во Реал Мадрид.
Посебно се разочара соиграчот и пријател на Мбапе, Карим Бензема, кој се надеваше на доаѓањето на младата ѕвезда, а на крајот изгледа индиректно го прозва преку објави на социјалните мрежи.
Откако синоќа Реал го победи Ливерпул со 1-0 и со тоа ја освои 14. европска титула, Бензема повторно проговори за Мбапе, но овојпат со многу попозитивен тон.
“Сакав да го исполни својот сон и да игра за Реал Мадрид заедно со мене. Тој го избра ПСЖ, мораме да ја почитуваме неговата одлука. Тој е млад, има голема одговорност на своите плеќи. Од оваа гледна точка, нема проблем, секој си носи одлуки за себе“, изјави Бензема.
За Мбапе синоќа се осврна и претседателот на Реал, Флорентино Перез. Направи се за да го донесе, на крајот не успеа.
“Мбапе? Вечерва не постои. Ова е забава на Реал Мадрид. Тоа е минато. Ништо не се случи. Реал Мадрид имаше совршена сезона”, изјави Флорентино Перез.
„Трансферот на Мбапе во Реал Мадрид беше можност, но тој избра на крајот и тоа беше негова одлука. Реал Мадрид останува Реал Мадрид, Мбапе останува Мбапе и ПСЖ останува ПСЖ. Ништо не се смени поради неговата одлука“, рече првиот човек на Кралевите.
Мадриѓаните оваа сезона ја освоија и Ла Лига и Лигата на шампионите и продолжуваат да доминираат, додека Мбапе и ПСЖ се уште сонуваат за трофеј во најелитното клупско натпреварување.