Барселона е принудена да се ослободи од неколку играчи до крајот на преодниот рок, а клубот дефинитивно останува без Мемфис Депај.
Бројката девет на Депај беше „украдена“ и дадена на Роберт Левандовски кога овој пристигна од Баерн, што јасно сугерираше дека е време Холанѓанецот да ги спакува куферите и да замине бидејќи на „блауграните“ повеќе не им треба.
“Левандовски и број 9? Тоа беше одлука на клубот. Сето тоа е во интерес на клубот и публиката. Затоа ја донесовме оваа одлука. Го почитуваме Мемфис, а тој целосно ја сфати нашата одлука”, изјави претседателот Жоан Лапорта.
Многу се шпекулираше за Депај, како и за повеќето играчи на Барселона, а на крајот беше постигнат договор со Јувентус, па крилниот напаѓач кариерата ќе ја продолжи во Италија каде со Старата дама ќе се обиде да го освои Скудетото. .
Во Барселона Депај имаше плата од пет милиони евра, а добро информираниот новинар Матео Морето тврди дека Јуве ќе му плати седум милиони. Тоа е трансфер кој на Барса нема да и донесе ништо, туку ќе го растерети буџетот за плати.
Тој ќе игра и ќе потпише договор на две години, додека Јуве ќе „плаќа симболична бројка“ како обештетување.
Пред Барселона, Депај играше во Лион, Манчестер Јунајтед и ПСВ. Има дури 80 настапи во националниот дрес, а има постигнато 42 гола.
Со оглед на бројните пристигнувања во Барселона ова лето, и самиот е свесен дека нема да ја добие вистинската можност и веројатно преселбата во Јувентус во овој момент е најдобриот потег што можел да го направи.