ФУДБАЛ

Зајков за мечот со Ирска: Психолошката реакција ќе биде клучна!

Македонската А репрезентација е пред нов предизвик, гостувањето кај Република Ирска на 31 март во Даблин. По поразот од Данска, фокусот во националниот тим е насочен кон анализа на противникот и подобрување на формата пред новиот дуел.

Дефанзивецот Ѓоко Зајков потенцира дека тимот извлекол поуки од претходниот натпревар и дека клучот ќе биде во менталната стабилност во текот на целиот меч

-Данска е навистина квалитетен противник. Се боревме добро во првото полувреме и се обидовме да затвориме на сите позиции. За жал, во второто полувреме дојде до пад на концентрацијата и примивме гол. По направената анализа, јасно е дека имаше неочекуван пад по првиот примен гол. Тоа е сегмент на кој мора да работиме, кога ќе примиме гол, да не паѓаме како екипа, туку да се издигнеме и да реагираме подобро. Сега сме целосно фокусирани на Ирска. Не постојат пријателски натпревари, секој меч го играме на победа. Сакаме да се надигруваме со секого и да покажеме квалитет, како што сме знаеле и претходно. Многу е важно и од психолошки аспект да одговориме по поразот од Данска. Со добар резултат можеме побрзо да го оставиме тој натпревар зад нас и да изгледаме подобро во следните предизвици и квалификации, изјави дефанзивецот.