ФУДБАЛ

Заминува од Јувентус: Матијс Де Лихт избра помеѓу Баерн и Челзи

Матијс Де Лихт во новата сезона нема да го гледаме во дресот на Јувентус.

Пред неколку недели директорот на Јувентус, Маурицио Аривабене изјави дека е невозможно да се задржи играч кој не сака да остане, во таа прилика јасно мисли на Де Лихт.

Де Лихт пристигна во Торино пред три години за неверојатни 85 милиони евра, а општиот впечаток е дека во Јувентус не напредувал колку што се очекувало.

Се чини дека и на 22-годишниот Холанѓанец му е преку глава од Старата дама и реши да ја промени средината летово. Тој веќе го избра својот следен клуб.

Во последните неколку недели сериозен интерес покажува и Челзи, а во последните неколку дена се вклучи и Баерн кој се чини дека победи во трката.

Германски Скај пренесува дека Де Лихт му кажал „да“ на Хасан Салихамиџиќ и дека Баерн е единствениот клуб за кој сака да игра.

Се би можело да се заврши викендот кога во Торино ќе пристигне Рафаела Пименто, која ја презеде грижата за фудбалерите застапувани од покојниот Мино Раиола.

Пимента во сабота доаѓа во Торино за да го официјализира враќањето на Пол Погба, а по тој повод ќе биде комплетиран и трансферот на Де Лихт во Баерн.

Според некои информации, Баерн на еден од најдобрите дефанзивци на денешницата ќе му плати 75 милиони евра плус бонуси.