ФУДБАЛ

Златан Ибрахимовиќ може да добие тригодишен прогон од фудбалот поради обложувалниците

Напаѓачот на Милан, Златан Ибрахимовиќ може да добие тригодишна суспензија од Светската фудбалска федерација (ФИФА).

Според шведскиот весник „Афтонбладет“, Златан сепак поседува дел од сопственост во обложувалница преку Интернет, што е строго забрането според правилата на ФИФА.

Правилата на куќата на светскиот фудбал експлицитно забрануваат фудбалери, тренери и луѓе од фудбалот да имаат каква било врска со обложувалници.

Ибра наводно го прекршил тоа правило и преку својата компанија наводно поседува 10 проценти од сопственоста на обложувалница регистрирана на Малта.

Затоа Златан е под истрага на ФИФА и УЕФА, а натпреварите што ги играше во дресот на Милан и репрезентацијата на Шведска во изминатиот период се под посебна контрола на истражителите.

Афтонбладет тврди дека Златан, доколку докаже дека има дел од сопственоста во обложувалницата, може да заработи тригодишна суспензија од ФИФА, во која ќе му бидат забранети сите фудбалски активности.

Исто така, можна е казна од 100.000 евра, но тоа секако е многу поприфатлива казна за човек кој оваа година ќе го прослави својот 40-ти роденден.

Златан имаше сличен проблем пред три години и наводно поради тоа остана без покана за репрезентацијата на Светското првенство во Русија.

Ќе биде интересно да се види што ќе се случи овој пат и дали може да се докажат овие прилично сериозни обвинувања против Ибрахимовиќ.