Енис Барди, својата фудбалска кариера ја започнал во Чаир, односно на овој стадион. Но, момчето од Блаце, кој сега е дел од шпанската Ла Лига, му пркоси и на најдобриот светски играч, Лионел Меси, кога станува збор за слободи удари.
Во интервју за ТВ21, фудбалската ѕвезда од Скопје, Барди, ја откри тајната на успехот. Раскажува како од „Шкупи“ стигнал до Леванте.
Н: Својата кариера ја започна на овој стадион. Можеш ли да ни раскажеш како изгледаше твојот почеток?
Енис Барди: Моите почетоци беа на околу 6-7 годишна возраст во ФК „Шкупи“ и мојот прв тренер беше Бедри. Нормално, времето беше тешко, бидејќи живеев во селото Блаце и ми беше потребно доста време, неколку километри за да стигнам до тука. Но, секоја жртва, секоја работа на крајот се исплаќа.
Н: Раскажи ни малку за твојата кариера, од почеток, од „Шкупи“ па сѐ досега.
Е.Б: Реков и претходно, на почетокот беше малку тешко. Како секој родител кој работи тука, за со својата работа да им овозможи на децата што подобра иднина, беше тешко, бидејќи беше далеку, односно од границата да патувам до тука. Меѓутоа, нормално, имав голема желба, целите беа високи и ми дадоа многу сила за да стасам до тука. Среќен сум кога ќе го видам овој терен. Околу 8 години бев дел од овој Клуб. Посакувам сите овие деца да вежбаат, да го дадат својот максимум и да се обидат да ги исполнат нивните соништа.
Н:Можеш ли да ни ја откриеш тајната на твојата работа и успех?
Е.Б: Голема цел е, односно целта е твоја. Исклучителна работа. Верувам дека работата е сѐ, но и 100% посветеност во работата што ја правиш. Детето секогаш треба да има поддршка. Детето секогаш ја чувствува поддршката на родителите, семејството и пријателите. Јас, благодарение на Бога, ја имав таа поддршка. Се собраа на едно место многу позитивни работи, што резултираа со овој успех.
Н:Ќе дојде ли денот да го видиме Енис како го носи дресот на Барселона и Реал Мадрид?
Е.Б: Се надевам да, зошто да не. Тоа се многу големи клубови. Да ви кажам право во моментов сум фокусиран на Леванте. Имаме договор до 2022 година и продолжувам да бидам сконцентриран таму.
Н: Каква беше 2019-та за Енис?
Е.Б: Добра година, стекнав искуство и во Ла Лига. Ова беше моја втора година, сега ја започнувам и третата. За мене е големо искуство. Втората година и речиси сите мечеви ги изиграв за Леванте. Нормално, големо искуство е. Сакам исто да продолжат и оваа сезона, и се надевам дека пред сѐ со здравје, ќе се нанижат и поголеми успеси.
Н: Со дресот на Леванте во 2019-тата забележа значителен број голови, што ни ветуваш за 2020-ва?
Е.Б: Како што реков, здравјето е најважно. Посакувам да бидам здрав. Особено во фудбалот, здравјето е многу вредно, нормално и во животот, но во фудбал треба да бидеме малку поздрави. Нормално, се надевам да бидам добар и да го дадам максимумот, да вежбам и да работам што е можно повеќе, и секако да се истакнам како играч.
Н: Која е пораката за сите родители, но и за децата – како да дојдат до успехот?
Е.Б: Реков и претходно, секое дете сонува. И јас како дете сонував многу и на крај, благодарение на Бога, соништата ми станаа реалност. Нема сон кој не може да се исполни. Само треба да го следиш сонот и да работиш многу за да дојдеш до својата цел.
Инаку, Енес пред да направи трансфер во Леванте, играше за унгарскиот Ујпешт. Тој беше дел и од Македонската фудбалска репрезентација.