Трета година по ред, Шарл Леклер со Ферари го постигна најдоброто време на квалификациите на трката за ГН на Азербејџан, која се вози низ улиците на Баку. За Леклер тоа е 19-та „пол-позиција“ во кариерата и трета по ред во Баку, каде што најдобриот резултат на трката досега го постигна во 2021 година, кога беше четврти. Леклерк постигна време од 1:40.203 минути пред актуелниот светски шампион и лидер во вкупниот пласман во сезоната, Холанѓанецот Макс Верстапен (Ред Бул), кој заостана 0.188 секунди.
„Болидот беше навистина добар, убаво е што се вратив на врвот“, рече Леклер.
Верстапен беше задоволен и покрај второто место.
„Овде секогаш е тешко. Речиси е невозможно да се заврши круг без да се направи грешка. Но, ние сме втори и имаме добар болид на трката, така што сме во добра стартна позиција”, изјави двократниот светски шампион. Од вториот ред ќе стартуваат вториот возач на Ред Бул, Мексиканецот Серхио Перез и вториот возач на Ферари, Шпанецот Карлос Саинц. По нив следуваат Британецот Луис Хамилтон (Мерцедес) и Шпанецот Фернандо Алонсо (Астон Мартин).
